Функционер на ЕУ изјавил за Си-ен-би-си дека самитот е „дефинитивен момент за односите“ меѓу Брисел и Пекинг
Дваесет и третиот самит ЕУ-Кина ќе се одржи в петок на 1 април 2022 година преку видео-конференција.
Средбата на кинескиот претседател Си Ѓинпинг и премиерот Ли Кечијанг на 1 април со лидерите на ЕУ ја потврди и кинеското Министерство за надворешни работи.
Ова е прва потврда од Пекинг дека самитот Кина-ЕУ ќе се одржи оваа недела.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петок ќе разговараат со кинескиот премиер Ли Кечијанг во 10 часот по бриселско време, а потоа со кинескиот претседател Си Ѓинпинг во 14 часот.
Главниот фокус на самитот, како што информираат од Брисел, ќе биде на војната во Украина, ангажманот на меѓународната заедница за поддршка на Украина, драматичната хуманитарна криза создадена од руската агресија, нејзината дестабилизирачка природа за меѓународниот поредок и неговото вродено глобално влијание.
Лидерите, исто така, ќе разговараат за состојбата на билатералните односи и областите од заеднички интерес, како што се климатските промени, биодиверзитетот и здравјето, како и начините за обезбедување на порамномерен и реципрочен трговски однос.
ЕУ ќе ја искористи можноста да ја нагласи потребата од одржување на меѓународниот поредок заснован на правила и универзалните вредности и ќе повика на продолжување на дијалогот за човекови права меѓу ЕУ и Кина на суштински начин.
Претходниот самит ЕУ-Кина се одржа на 22 јуни 2020 година, а состанокот на лидерите ЕУ-Кина се одржа на 30 декември 2020 година.
Целта на самитот е „да се обезбеди, на некој начин, неутралност на Кина за да не и помогнат на Русија“, изјавил вчера за Си-ен-би-си претставник на ЕУ, кој не сакал да биде именуван поради чувствителноста на дискусиите.
Неколку шефови на држави ја повикаа Кина минатата недела да го искористи своето влијание за да запре војната во Украина.
Друг функционер на ЕУ изјавил за Си-ен-би-си дека самитот е дефинитивен момент за односите меѓу ЕУ и Кина.
„Ако тие (Кина) се усогласат со Русија, тоа очигледно ќе има многу негативно влијание врз односите со ЕУ“,
вели претставникот на ЕУ.